Татковинска Македонска Организација за Радикална Обнова

ТМОРО - ВЕП



С Т А Т У Т

на политичката партија
Татковинска Македонска Организација за Радикална Обнова - Вардар-Егеј-Пирин
(ТМОРО-ВЕП)


1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Татковинска Македонска Организација за Радикална Обнова - Вардар-Егеј-Пирин, (во понатамошниот текст: ТМОРО-ВЕП), е политичка партија за негување, развивање, унапредување и заштита на македонскиот национален, етнички, културен, економски, социјален и територијален интегритет.

Член 2

Името на партијата е: Татковинска Македонска Организација за Радикална Обнова - Вардар-Егеј-Пирин.
Скратеното име на партијата е: ТМОРО-ВЕП.

Член 3

Седиштето на партијата е: ул. “Финска 2” бр. 7, 1.000 Скопје, Република Македонија.

Член 4

ТМОРО-ВЕП има својство на правно лице со права, надлежности и одговорности утврдени со Законот за политичките партии и со овој Статут.

Член 5

ТМОРО ВЕП има свои: амблем, знаме и химна.
Амблем на ТМОРО-ВЕП е: со жолта боја исцртана Библија врз која вкрстено се положени револвер и кама, полукружно над нив пишува “Слобода или смрт”, под нив “за Македонија”, а под него во лента што се вее со жолта боја е испишано скратеното име ТМОРО-ВЕП. Од кружниот текст излегува македонското шеснаесет-зрачно сонце.
Знамето на ТМОРО ВЕП е во правоаголна форма со однос на страните 4:3. Знамето е со црвена боја. Во средината на знамето е поставен амблемот на ТМОРО-ВЕП.
Химната ја утврдува Националниот комитет на ТМОРО-ВЕП, врз основа на јавен конкурс.

Член 6

ТМОРО-ВЕП има свој печат и штембил во кои текстот е испишан на Македонски јазик и неговото кирилично писмо.
Печатот е со тркалезна форма. Во круг е испишано името: Татковинска Македонска Организација за Радикална Обнова - Вардар-Егеј-Пирин ТМОРО-ВЕП, а во средината на печатот се наоѓа шеснаесет-зрачното сонце.
Штембилот на ТМОРО-ВЕП е со правоаголна форма, со ист текст како печатот и има место за пишување на службен број и дата.


2. ПОЛИТИЧКИ ЦЕЛИ, НАЧИН НА ДЕЈСТВУВАЊЕ, ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА

Член 7

ТМОРО-ВЕП ги има следните цели и задачи:

  1. слободна, самостојна, суверена и независна македонска држава;
  2. заштита и унапредување на граѓанските права и слободи независно од националната припадност, верата, политичкото убедување, полот и расата;
  3. актуелизирање на македонското национално прашање, за негово трајно решавање, пред сите меѓународни институции;
  4. освојување на власта во Република Македонија и учество во изборот на органи на власта;
  5. градење на единствена нова македонска политика како заеднички процес што ќе ги поврзува Македонците каде и да се;
  6. донесување долгорочна македонска национална стратегија за економски, социјален, политички, демократски развој, невработеност;
  7. заштита на единството, автокефалноста, самостојноста на МПЦ;
  8. почитување на правата и должностите на малцинствата и етничките групи кои живеат на територијата на македонската држава;
  9. енергична и ефикасна борба против криминалот и корупцијата;
  10. остварување на високи економски, социјални, политички, културни и други права на луѓето во Македонија;
  11. грижа за за социјално, здравствено и пензиско осигурување на луѓето, како приоритет на македонската влада;

Член 8

Своите цели и задачи ТМОРО-ВЕП ги остварува преку: непосредно учество на свои претставници во органите на државната и локалната власт; подготовка, организација и реализација на проекти, семинари и трибини; меѓународна соработка со поединци, организации и држави, за развој, афирмација и меѓународно промовирање и претставување на македонската држава.

Член 9

Во остварување на своите цели и задачи ТМОРО-ВЕП ќе делува во Република Македонија и во странство согласно тамошните закони.

Член 10

Работата на ТМОРО-ВЕП е јавна.
Седниците на органите и телата на ТМОРО ВЕП се отворени за присуство на јавноста. Орган или тело на ТМОРО-ВЕП, за определени прашања, може да одлучи да работи без присуство на јавноста.


3. УСЛОВИ И НАЧИН НА ЗАЧЛЕНУВАЊЕ, ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ЧЛЕНСТВО, ПРАВА, ОБВРСКИ И ОДГОВОРНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ

Член 11

Член на ТМОРО-ВЕП може да биде секој полнолетен државјанин на Република Македонија и секој Македонец по род.

Член 12

Членувањето во ТМОРО-ВЕП е доброволно, а се остварува со поднесување пристапна изјава - пристапница за зачленување.
Членот добива членска книшка која мора да содржи: број на книшката, слика, матичен број, име и презиме и место за потпис на членот.
Образецот членска книшка го пропишува Извршниот комитет на ТМОРО-ВЕП.

Член 13

Членувањето престанува:

  1. со изјава за доброволно истапување,
  2. со одлука за исклучување донесена од надлежен орган на ТМОРО-ВЕП за делување спротивно на статутарните одредби или основните начела и насоки на ТМОРО-ВЕП, и
  3. во случаи пропишани со закон.

Член 14

Права, обврски и одговорности на членот се:

  1. да учествува во партиските активности,
  2. да дава мислења и предлози за поуспешна партиска работа;
  3. да бира и да биде биран во органите и телата на ТМОРО-ВЕП;
  4. да биде информиран за партиските активности и дејности;
  5. да ги почитува и да се придржува кон партиските програмски определби, цели и задачи;
  6. да го чува угледот, достоинството, интересите и честа на ТМОРО -ВЕП;
  7. редовно да плаќа членарина;

Член 15

Членот подлежи на политичка одговорност во случај кога неговата активност е спротивна на програмските определби, целите и задачите на ТМОРО-ВЕП.
Постапката за утврдување на одговорноста и одредување на санкциите се пропишуваат со Дисциплински правилник што го донесува Националниот комитет на ТМОРО-ВЕП.


4. ЗАСТАПУВАЊЕ И ПРЕТСТАВУВАЊЕ

Член 16

ТМОРО-ВЕП го претставува Претседателот.
ТМОРО-ВЕП го застапуваат: Претседателот, Потпретседателите и Генералниот секретар.
Во случај на отсутност на Претседателот, неговата функција и овластувања ги превзема еден од Потпретседателите со писмено овластување од Претседателот.


5. ОРГАНИ НА ТМОРО ВЕП

Член 17

Органи на ТМОРО-ВЕП се:

  1. Конгрес;
  2. Годишно Собрание,
  3. Национален комитет;
  4. Извршен комитет;
  5. Претседател;
  6. Надзорен одбор;

5.1. Конгрес

Член 18

Конгресот е највисок орган на ТМОРО-ВЕП, кој се одржува на секои четири години.
Конгресот го сочинуваат: Претседателот, Потпретседателите, Генералниот секретар, Организацискиот секретар, Националниот комитет, Надзорниот одбор, Координаторите на изборни единици и одреден број делегати од Општинските комитети и Месните комитети, што се утврдува со одлука на Националниот комитет на ТМОРО-ВЕП.
Работата на Конгресот се уредува со Деловник за работа, кој го донесуваат делегатите на Конгресот на почетокот на седницата, на предлог текст утврден од страна на Националниот комитет.Одлука за свикување на Конгрес донесува Претседателот на ТМОРО-ВЕП.
Претседателот е должен да донесе одлука за свикување Конгрес на барање на Надзорниот одбор или најмалку една половина од вкупниот број Општински комитети на ТМОРО-ВЕП.
Доколку Претседателот не свика конгрес во рок од 15 дена од денот на поднесеното барање, Конгресот го свикува предлагачот.

Член 19

Конгресот на своите седници ги врши следните работи:

  1. донесува Деловник за работа на Конгресот;
  2. донесува Статут и негови измени и дополнувања;
  3. донесува Манифест, декларации и резолуции;
  4. донесува долгорочна Програма за делување;
  5. избира и разрешува Претседател;
  6. избира и разрешува Надзорен одбор;
  7. избира и разрешува членови на Националниот комитет;
  8. разгледува и усвојува извештаи за работа на ТМОРО-ВЕП помеѓу два Конгреса;

5.2. Годишно собрание

Член 20

Годишното собрание е орган на ТМОРО-ВЕП помеѓу два Конгреса, кое се одржува најмалку еднаш годишно.
Годишното собрание го свикува и со него раководи Претседателот на ТМОРО-ВЕП.
Годишното собрание врши работи од надлежност на Конгресот, помеѓу две заседанија на Конгресот, со права обврски и одговорности пропишани во Деловникот за работа.

5.3. Национален комитет

Член 21

Националниот комитет е орган на ТМОРО-ВЕП меѓу два Конгреса.
Членови на Националниот комитет се: Претседателот, Пот-претседателите, Генералниот секретар, Организацискиот секретар, Координаторите на изборните единици и одреден број членови од Општинските комитети, што се утврдува со одлука на Националниот комитет на ТМОРО-ВЕП.
Националниот комитет се состанува по потреба, а најмалку еднаш во текот на годината. Седниците на Националниот комитет ги свикува и со нив раководи Претседателот на ТМОРО-ВЕП. Постапката за свикување на седница опишана во член 19 на овој Статут, важи и се применува и за свикување на седница на Националниот комитет на ТМОРО-ВЕП.

5.4. Извршен комитет

Член 22

Извршниот комитет е извршен орган на Националниот комитет на ТМОРО -ВЕП.
Извршниот комитет го сочинуваат: Претседателот, Потпретседателите, Генералниот секретар, Организацискиот секретар и одреден број членови од Националниот комитет, кои се утврдуваат и именуваат со одлука на Националниот комитет.

Член 23

Извршниот комитет ги врши следните работи:

  1. се грижи за спроведување на Статутарните одредби;
  2. се грижи за спроведување на Програмата за работа;
  3. се грижи за донесување насоки на делување на ТМОРО-ВЕП;
  4. формира постојани и времени работни тела за спроведување на целите и задачите на ТМОРО-ВЕП;
  5. го утврдува буџетот и ја усвојува годишната завршна сметка на ТМОРО-ВЕП;
  6. врши и други работи за кои ќе го овласти Националниот комитет.

Член 24

Извршниот комитет работи на седници, кои се одржуваат најмалку еднаш во месецот.
Седниците на Извршниот комитет ги свикува и со нив раководи, Претседателот на ТМОРО-ВЕП.
Начинот на работа на Извршниот комитет се регулира со Деловник за работа што го донесува Извршниот комитет на ТМОРО-ВЕП.

5.5. Претседател

Член 25

Претседателот е извршно-политички орган на ТМОРО-ВЕП.
Претседателот на ТМОРО-ВЕП го избира Конгресот.
Кандидат за Претседател на ТМОРО ВЕП мора да биде предложен од најмалку 15 делегати на Конгресот или најмалку три (3) Општински комитети на ТМОРО-ВЕП.
За Претседател на ТМОРО-ВЕП е избран кандидатот кој добил повеќе од 2/3 гласови од присутните делегати на Конгресот.

Член 26

Претседателот на ТМОРО-ВЕП, истовремено е Претседател и на Националниот комитет и на Извршниот комитет.

Член 27

Претседателот ги има следни права, должности и одговорности:

  1. ја спроведува утврдената политика на ТМОРО-ВЕП;
  2. предлага насоки на делување и го координира функционирањето на ТМОРО-ВЕП;
  3. ги свикува и раководи со седниците на Конгресот, Годишното собрание, Националниот комитет и Извршниот комитет;
  4. предлага именување и разрешување на Потпретседатели, Генерален секретар, Организациски секретар и членови на Извршниот комитет;
  5. ја одобрува кадровската политика на Генералниот секретар;
  6. формира и ангажира експертски тимови за извршување на својата функција.
  7. За својата работа одговара на Националниот комитет и на Конгресот на ТМОРО-ВЕП.

5.6. Потпретседатели

Член 28

На предлог на Претседателот на ТМОРО-ВЕП, Извршниот комитет именува и разрешува Потпретседатели, со мнозинство на гласови од вкупниот број членови на Извршниот комитет.
Потпретседателите вршат работи од делокругот на Претседателот на ТМОРО-ВЕП.
Во случаи кога Претседателот на ТМОРО-ВЕП е отсутен од државата подолго од еден (1) месец, како и во случаи по проценка на Претседателот на ТМОРО-ВЕП, еден од Потпретседателите ги врши функциите на Претседателот со сите права и обврски, со посебно овласување од страна на Претседателот на ТМОРО-ВЕП.

5.7. Генерален секретар

Член 29

Генерален секретар на ТМОРО-ВЕП се именува и разрешува од страна на Националниот комитет, на предлог на Претседателот на ТМОРО-ВЕП.
Генералниот секретар е координатор во делувањето и функционирањето на членовите на Извршниот комитет и Националниот комитет, ја креира и спроведува одобрената кадровската политика на ТМОРО-ВЕП и одлуките на Извршниот комитет и Националниот комитет.

Член 30

Генералниот секретар ги врши следните работи:

  1. организира и следи извршување на оперативно-политичките ставови, одлуки и заклучоци на органите на ТМОРО-ВЕП;
  2. подготвува седници на Извршниот и на Националниот комитет;
  3. предлага Координатори на изборни единици и региони, Месни и Општински комитети до Извршниот и Националниот комитет;
  4. организира и раководи со подготовките за Конгрес;
  5. полноправно учествува во работата на Извршниот и Националниот комитет;
  6. води кадровска политика и раководи со работата на Кадровската комисија;
  7. за својата работа Генералниот секретар одговара пред Националниот комитет.

5.8. Организациски секретар

Член 31

Организацискиот секретар на ТМОРО-ВЕП, по функција е член на Извршниот и Националниот комитет, кој се именува и разрешува од страна на Извршниот комитет, на предлог на Претседателот на ТМОРО-ВЕП.
Организацискиот секретар ја координира работата и делувањето на Месните комитети, Општинските комитети и Координаторите на ТМОРО-ВЕП.
За својата работа Организацискиот секретар одговара на Извршниот комитет.

5.9. Координатор на изборна единица

Член 32

За иницирање, поттикнување, формирање и функционирање на Месни и Општински комитети на ТМОРО-ВЕП, за организација и реализација на предизборни активности во рамките на изборните единици, Националниот комитет именува Координатор на секоја изборна единица.
Бројот на изборни единици се утврдува од страна на Извршниот комитет, врз основа и во согласност со Законот за избори на РМ.

5.10. Координатор на регион

Член 33

За иницирање, поттикнување, формирање и функционирање на Месни и Општински комитети на ТМОРО-ВЕП, за организација и реализација на предизборни активности во рамките на еден регион во изборните единиоци, Извршниот комитет именува Координатор на регион на изборна единица.
Бројот на региони во изборната единица го утврдува Извршниот комитет, според укажана потреба и утврдена проценка.

5.11. Надзорен одбор

Член 34

Надзорниот одбор се избира и разрешува од Конгресот.
Надзорниот одбор има право и обврска да следи, да контролира и да се грижи за статутарно и законито работење на органите и телата на ТМОРО-ВЕП, преку присуство на седници и учество во нивната работа но без право на глас.
Забелешките за работата на органите и телата Надзорниот одбор ги доставува до Извршниот комитет во писмена форма.


6. ПРИНЦИП НА ОРГАНИЗАЦИСКА ПОСТАВЕНОСТ

Член 35

ТМОРО-ВЕП се организира на треиторијален принцип, кој опфаќа месни, општински и градски или регионални организации.

Член 36

Месна организација е основен облик на организирање на територија на едно изборно место. Тела на месната организација се: Претседател, Потпретседател, секретар и Месен комитет од најмалку три (3) члена.

Член 37

Општинска организација се основа на територија на една општина, на предлог на најмалку две (2) месни организации.
Тела на општинската организација се: Претседател, Потпретседател, секретар и Општински комитет од најмалку пет (5) членови.

Член 38

Градска или регионална организација се формира на предлог од најмалку две (2) општински организации. Тела на градска или регионална организација се: Претседател, Потпретседател, Секретар и Градски или регионален комитет од најмалку единаесет (11) членови.
Претседателите на општинските организации по функција се членови на Градскиот или регионалниот комитет.

Член 39

Мандатот на органите, телата и на носителите на функции во ТМОРО-ВЕП е четири (4) години, со можност за реизбор.

Член 40

Предлог за отповикување на лица избрани во органите или телата на ТМОРО-ВЕП може да поднесе една петина од вкупниот број членови на органот или телото.

Член 41

Органите и телата на ТМОРО-ВЕП полноправно работат и одлучуваат ако на седницата присуствуваат повеќе од една половина нивни членови (50% + 1).
Органите и телата на ТМОРО-ВЕП своите одлуки ги донесуваат со двотретинско мнозинство на гласови од присутниот број членови на органот или телото.


7. СТЕКНУВАЊЕ И РАСПОЛАГАЊЕ СО СРЕДСТВАТА

Член 42

ТМОРО-ВЕП има жиро сметка во банка на која потписници се Претседателот, Потпретседателите и Генералниот секретар.

Член 43

Средствата за работа на ТМОРО-ВЕП се обезбедуваат од следните извори:

  1. од членарина;
  2. од прилози, подароци и донации во пари, предмети, имот и друго;
  3. од други приходи од различен вид, како: хартии од вредност, акции, наемнини и слично;
  4. од спонзорства од физички и правни лица;
  5. од буџетот на Република Македонија.

Член 44

За остварување на средства за редовни активности, со одлука на Извршниот комитет, ТМОРО-ВЕП може да основа претпријатија согласно законските прописи.
За време на одржување на избори, средствата од поединечни подароци, прилози и донации од правни и физички лица, согласно износите предвидени со закон, се издвојуваат на посебна жиро сметка за изборен фонд.

Член 45

Изворите на средствата на ТМОРО-ВЕП се јавни.
Изворите на финансиските средства и трошоците за редовни активности се утврдуваат со буџет на ТМОРО-ВЕП.
Во текот на годината Извршниот комитет може да врши изменување и дополнување на буџетот.


8. ПРЕСТАНОК НА ТМОРО-ВЕП

Член 46

ТМОРО-ВЕП престанува со работа кога бројот на членовите ќе се намали под законски определениот број за основање.

Член 47

Во случај на престанок на ТМОРО-ВЕП, неговиот имот и средства преминуваат во сопственост на Македонската Православна Црква.


9. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕРДБИ

Член 48

Се што не е уредено со овој Статут, ќе се регулира и уредува со посебни одлуки и акти на Националниот комитет, кои несмеат да бидат во спротивност со одредбите на овој Статут.

Член 49

Актите предвидени и утврдени со овој Статут, соодветните органи и тела се должни да ги донесат во рок од шест (6) месеци од неговото донесување.

Член 50

Измени и дополненија на овој Статут донесува Конгресот.
Иницијатива со предлог за измена и дополнување на Статутот во писмена форма може да поднесе: Општински комитет, Статутарната комисија, Извршниот комитет или Надзорниот одбор.
Предлозите во писмена форма се поднесуваат до Националниот комитет кој формира Статутарна комисија за разгледување на предлозите за измени и дополнувања на Статутот, која изготвува и предлага пречистен текст на предлозите, односно на Статутот.

Член 51

Овој Статут влегува во сила и ќе се применува од денот на неговото донесување.
Со влегувањето во сила на овој Статут, престанува важноста на Статутот донесен во Март 2006 година, освен името и симболите кои ќе се користат до прифаќање на овој Статут од страна на надлежниот државен орган за регистрација на политичките партии.

Скопје, 27.10.2007 година
Претседател на ТМОРО-ВЕП
Страшо Ангеловски